ЈУБИЛЕЈ – 60 ГОДИНИ ОД ФОРМИРАЊЕТО НА НУ КОНЗЕРВАТОРСКИ ЦЕНТАР СКОПЈЕ
Годинава, НУ Конзерваторски центар – Скопје го одбележува својот јубилеј 60 години од основањето, со што се заокружува еден долгогодишен циклус на шестдецениска плодна работа во полето на заштитата на културното наследство.
Во оваа прилика, се потсетуваме на почетоците како и на сите оние кои биле дел од оваа значајна институција. Иако станува збор за национална установа со релативно мал број вработени стручни лица задолжени за спомениците на културата на територијата на град Скопје, може да се каже дека Конзерваторски центар Скопје под своја надлежност ги има едни од највредните споменици не само во градот и државата, туку и пошироко во регионот.
Посветеноста и одговорноста за тие исклучителни дела се основата врз која се темели сложениот систем составен од поединци и тимови, секој максимално посветен на таргетираната цел. Во таа смисла, сакаме да им оддадеме искрено признание на сите претходни генерации конзерватори и реставратори, особено на основоположниците кои ги поставиле темелите врз кои со децении се гради комплексна структура од различни профили, во рамките на оваа исклучително значајна дејност.
Оваа, 2023 година, како институција се насочивме кон остварување професионална соработка и со сродните институции од регионот, а како пример е неодамна потпишаниот меморандум за соработка со Кантоналниот завод за заштита на спомениците од Сараево. Во тек се подготовки за воспоставување стручна соработка во обучувањето стручен кадар со Универзитетот на Западна Атика од Атина, Р. Грција, како и иницијативите за меѓусебна професионална соработка со Републичкиот Завод за заштита на спомениците од Белград и остварените професионални контакти со Институтот за планирање на простор, исто така од Белград, Р. Србија. Годинава, како дополнителна можност, покрај финансиската поддршка на програмските активности, што од своја страна ја овозможува Министерството за култура, е и стручното усовршување на дефицитарни кадри од областа на културата и заштитата, со што им се овозможува на стручните лица професионална обука каде ќе може да се запознаат со најсовремените методи во полето на конзервацијата и истите да ги применат кај нас. Оваа можност ја искористија и наши колеги, кои оваа година успешно ги завршија курсевите за користење на недеструктивни т.н. наноматеријали во полето на конзервацијата на културното наследство, со цел истите да бидат презентирани и применувани и кај нас. Нашите стручни лица дополнително се залагаат за воспоставување професионални „линкови“ со референтни светски признати експерти во оваа област, кои, исто така би придонеле за создавање нов, современ пристап во полето на конзервацијата на културното наследство. Во рамките на тие активности е и тековната експертска мисија која се однесува на професионална обука на стручен кадар во полето на конзервацијата на ѕидното сликарство од страна на стручни лица – експерти од Сорбона, Р. Франција, како дел од европската програма ТАИЕКС. Во рамките на јубилејот, односно годината во која го бележи јубилејот, комплексот „Св. Спас“ во кој е сместен Конзерваторски центар – Скопје, е достојно и достоинствено претставен благодарение на пријатели и почитувачи на културното наследство, кои несебично се заложија (помогнаа) да се возможија обновувањето на целосната илуминација на црквата, тремовите, камбанаријата и плоштадот пред комплексот. Во рамките на тие активности, а со цел ревитализација на овој исклучителен простор во Стариот град, беа превземени мерки за чистење на мермерниот саркофаг на Гоце Делчев, како и тековно одржување на поголемиот дел од атриумскиот простор и тремовите. Задоволно можеме да кажеме дека од сега па
натаму, бројните посетители ќе можат на најавтентичен начин да ги доживеат вредностите на овој комплекс.
Конзерваторски центар – Скопје им се заблагодарува на сите свои вработени кои секојдневно, несебично работат на програмските и вонпрограмските активности обидувајќи се на најсоодветен начин да се справат со проблемите и предизвиците, а со самото тоа даваат свој личен придонес во заштитата на културното наследство. Благодарноста се однесува и на сите долгогодишни соработници кои исто така придонесуваат со својата стручност, знаење и искуство во конкретните проектни активности. По 60 години, светот е драматично променет, но сепак, можеме да се гордееме со сето она што заеднички сме го постигнале во изминатите години. Останува обврската, како стручна институција постојано да бараме начини да им го објасниме и презентираме на сите, а особено на најмладите, значењето на културното наследство, а нивното разбирање и поддршка, за нас ќе претставуваат уште еден поттик и мотив во остварување на нашата благородна мисија.