Реализација на проектот “Аквадукт”
Реализација на проектот “Аквадукт” – Стабилизација на инклинираните и оштетените столбови
Реализацијата на Конзерваторско – реставраторскиот проект “Аквадукт” – во Скопје е приоритетен во програмското работење на НУ Конзерваторски центар Скопје .На овој проект му се пристапува со огромна внимателност при реализацијата, особено кога се работи за значајно културно наследство , градба која во голема мера е девастирана . Денес започна пробно поставување на челичните затеги на најкритичните столбови во видливите отвори во кои постоеле дрвени греди и имале улога на попречни затеги. Просторот помеѓу новите затеги и каменот е предвидено да се пополни со автентичен материјал и инјектирање на малтер со ист квалитет како постоечкиот.Челичните затеги имаат за цел да извршат притегнување на столбот преку систем на профили со навртки кои ќе формираат обрач околу рамнината. Овој процес на стабилизирање на столбовите е неминовен од причина што следна фаза е поставување на микроколови под темелите на инклинираните и најоштетените столбови поврзани со недоволната носивост на глината под темелите , како и појава на деформација предизвикана од бабрењето на овој почвен слој, појава предизвикана од огромната вода во облик на мало езерце во минатото која немаше природен истек во реката Серава. За таа цел беше направен ископ т.е. дренажен канал со излив во насока на реката Серава.