Прва експертска мисија од областа на заштитата и реставрацијата
Првата експертска мисија од областа на заштитата и реставрацијата на културното наследство се оствари со доаѓањето на г-ѓа Клер Бетелу, професор и директорка на студиската програма за конзервација и реставрација на културното наследство при Универзитетот Париз 1 Пантеон Сорбона. Оваа експертска мисија како иницијатива на професионална обука на стручниот кадар од националните установи во сферата на конзервацијата на културното наследство беше одобрена од страна на Европската Комисија и спроведена преку ТАИЕКС инструментот, а во соработка со делегацијата на Европската Комисија, Секретаријатот за Европски прашања, Министерството за култура, Францускиот културен центар, Националниот конзерваторски центар и Конзерваторскиот центар Скопје.
Согласно Агендата, експертската мисија беше реализирана од 07.11.2023 година (вторник) до 09.11.2023 година (четврток) и истата ја предводеше проф. Клер Бетелу од Универзитетот во Сорбона, каде колегите од националните институции кои го третираат културното наследство имаа можност да се запознаат со најновите пракси и знаења и тоа на неколку карактеристични споменици на културата, како што се црквите „Успение на Пресвета Богородица“ во Лешок и Матка, како и црквата „Свети Спас“ во Скопје.
Остварени беа и работни средби во НУ Конзерваторски центар Скопје, Националниот конзерваторски центар и Францускиот културен центар.
Координатори на овој настан беа Владо Муковски, советник конзерватор за ѕидно сликарство од Националниот конзерваторски центар и Ангелина Спировска Муковска, лиценциран конзерватор за ѕидно сликарство од НУ Конзерваторски центар Скопје.