Почнување на конзерваторски работи на скопскиот Аквадукт
Скопскиот Аквадукт е еден од последните на Балканот кој е сочуван во целина. За жал, не можеме да се пофалиме дека тоа е по наша заслуга. Затоа го нареков ремек дело на старите градители кое што им пркосело на вековите , на природните непогоди, на војните и на луѓето. Сега имаме шанса тоа да го исправиме. Тоа и го правиме.
Неодамна, Владата донесе одлука за прогласување на Аквадуктот за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење поради тоа што овој величествен споменик поседува вредности, не само од големо национално значење, туку тој му припаѓа и на човештвото.
Затоа, скопскиот Аквадукт го доби највисокиот акт на заштита.
Тоа овозможува трајно зачувување на неговите вредности во културна и во историска смисла. Заштита на архитектурата и на социјалниот, едукативниот, туристичкиот и економскиот аспект на локалитетот. Со тоа конечно започнува и неговата физичка заштита.
Денеска го означуваме почетокот на првата фаза на конзервација и реставрација на скопскиот Аквадукт. Заштитата е скапа работа, но не е ништо во однос на вредноста на ова културно добро.
Аквадуктот не е градежен материјал за несовесните и несвесните, ниту пак е сеф со некакво скриено богатство за крадците. Напротив, самиот Aквадукт е скапоценост.
Убедена сум дека институциите ќе го вложат сето знаење и умешност во неговата заштита. Имаме обврска Аквадуктот да го промовираме пред светот кој ја препознава вредноста на овие споменици и ги става на туристичките мапи како атрактивни дестинации.
Но, пред тоа, неговата вредност треба да ја промовираме дома зашто, за жал, имам впечаток дека повеќето знаат каде се наоѓа „Сити мол“ , но не знаат каде е овој древен водовод и што тој претставува. Некој можеби ќе рече: „тоа и го спасило “. Но, убедена сум дека од денеска Аквадуктот го добива заслуженото внимание и грижа.
Зашто скопскиот Аквадукт навистина е поглед од кој застанува здивот.